Со изведба на операта „Набуко“ од Џузепе Верди вечерва на сцената на Националната опера и балет свечено ќе бидат затворени 54. „Мајски оперски вечери“.
Изведбата на операта ќе биде посветена на неодамна трагично починатиот првенец на Националната опера и балет, баритонот Ристе Велков.
– Со својата уметност, глас и сценско присуство, Ристе Велков остави длабока и трајна трага во македонската оперска уметност. Токму улогата на Набуко беше една од неговите најзначајни и највпечатливи сценски остварувања на матичната сцена, велат од Македонската опера и балет.
Операта ќе биде изведена под диригентската палка на Јерухам Шаровски од Аргентина, во режија на Ренато Бонајуто од Италија. Сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, кореограф е Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстор Јасмина Ѓорѓеска.
Насловната улога Набуко ќе ја толкува Алберто Газале (Италија), а во улогата на Абигаиле ќе настапи Сузана Бранкини (Италија).
Николина Јаневска ќе ја толкува улогата на Фенена, Ѓорѓи Цуцковски ќе настапи како Исмаил, а во улогата на Захарие ќе настапи Хиденори Иноуе (Јапонија). Во останатите улоги ќе настапат Диме Петров, Ана Ројдева и Никола Стојчевски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет, како и ученици од балетскиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.




