Светската здравствена организација (СЗО) денес соопшти дека во Демократска Република Конго се потврдени 321 случаи на ебола, додека бројот на сомнителни случаи е значително намален на 116, бидејќи стотици луѓе се исклучени од статистиката по истрагата.
Според денешните податоци, во Конго се регистрирани 48 смртни случаи, додека шест лица се оздравени, пренесува Ројтерс.
Досега во Уганда се потврдени девет случаи и еден поврзан смртен случај, изјави портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмаер, во Женева.
СЗО претходно соопшти дека во Демократска Република Конго има 906 сомнителни случаи на инфекција со вирусот ебола, вклучувајќи 223 сомнителни смртни случаи, кои се под истрага.
Сепак, подоцнежните податоци покажаа значително помал број на сомнителни случаи.
Запрашан за намалувањето на бројот на сомнителни случаи, Линдмаер рече дека многу случаи се „исклучени“ по дополнително тестирање.
„Ова се луѓе кои биле тестирани и кај кои е утврдено дека имаат други болести или кои имале само треска без други симптоми“, рече тој, додавајќи дека бројките би можеле да се променат како што продолжува тестирањето.
Сомнителен случај вклучува секој идентификуван преку надзор или кој се јавил во здравствена установа со симптоми, додека потврдените случаи се однесуваат само на пациенти кои биле позитивни на сојот на ебола Бундибугио.
Тестирањето беше тешко бидејќи стандардните тестови првично не успеаја да го детектираат сојот, за кој нема одобрена вакцина, а дијагностичкиот капацитет е ограничен.
Африканските центри за контрола и превенција на болести ја прогласија епидемијата на сојот Бундибугио во Конго за епидемија на ебола на 15 мај, а СЗО брзо ја прогласи за вонредна состојба за јавно здравје од меѓународен интерес.




