Деновиве повторно сме сведоци на јавна полемика за Вториот Протокол од Билатералниот договор за пријателство со Бугарија од 2017, пишува во својата фејсбук објава професорот Тони Дескоски.
И повторно е промашена темата, затоа што во полемиката се испушта правниот основ за Бугарското вето. Или поинаку кажано, се испушта да се одговори на клучното прашање: како е можно во 2017 да сме склучиле Договор за пријателство со Бугарија, во кој Бугарија се одрекува САМО од ветото за НАТО, но не и од она за ЕУ?
Дури и на мало дете би му било јасно дека со таков Договор, Бугарија всушност ни најавува дека ни спрема вето за во ЕУ.

И тоа и се случи. А потоа, нужно следеа преговори за тоа вето да се симне, и во тие преговори се вклучија и пријателите од ЕУ.
Францускиот пакет не е модалитет за уредување на односите на две рамноправни држави, туку на една надредена држава која ставила вето на другата држава која со тоа е подредена. Или поинаку кажано, тоа беа преговори како да излеземе од Бугарската стапица во која своеволно влеговме во 2017 година.
Грешка на нашата Влада е што во 2017 прифатила со Бугарија да склучи договор, во кој Бугарија ќе го задржи правото на вето за во ЕУ, а ќе се одрече само од она за НАТО.
Цената за сопствената грешка ќе мора да си ја платиме ние. Никој друг нема да го плати тој цех за нас.
Во моментов, цената е Францускиот пакет. Доколку продолжиме да се противиме, многу е можно ЕУ да се одрече од Пакетот и повторно да се отвори прашањето под кои услови Бугарија ќе ни го симне ветото за во ЕУ. Многу е јасно дека таквите нови услови ќе бидат полоши од оние што ги имаме денес.
Сите што заговараат предоговарање на Францускиот пакет, мора да знаат дека со тоа би се отворила вратата и за нови Бугарски барања. Па ќе испадне дупло голо.
Имаме многу причини за незадоволство од Шефот на дипломатијата во 2017. Но, за жал, неговите грешки ќе ги плаќаме ние.
Ние сме на потег…




