дома Локално „Поетско ехо на Сопиште“ повторно ги обединува љубителите на поезијата и традицијата

„Поетско ехо на Сопиште“ повторно ги обединува љубителите на поезијата и традицијата

„Поетско ехо на Сопиште“ повторно ги обединува љубителите на поезијата и традицијата

  По успешното минатогодишно издание поетската манифестација „Поетско ехо на Сопиште“ повторно ќе ги обедини љубителите на поезијата, уметноста и традицијата. Настанот ќе се одржи на 27 јуни 2026 година со почеток во 13 часот во Домот на културата во Сопиште.

Манифестацијата за првпат беше организирана на 12 јуни минатата година, кога пред бројната публика настапија голем број автори од Македонија, а настап имаше и фолклорниот ансамбл „Св. Јоаникиј Ракотински“, кој со својата програма внесе дух на македонската традиција и култура. И годинава организаторите подготвуваат богата програма. Покрај поетските читања и настапот на фолклорниот ансамбл „Св. Јоаникиј Ракотински“, посетителите ќе можат да уживаат и во музичката програма на „Столе Бенд“ и Денис Додески.

Посебен акцент на овогодишното издание е промоцијата на новиот зборник „Поетско ехо на Сопиште“, во кој се застапени творби од група автори што учествуваат на манифестацијата. Овој зборник претставува значаен придонес за афирмација на современото поетско творештво и културниот живот во Сопиште.Во рамките на настанот ќе биде претставен и дел од традиционалната кујна на Македонија, подготвена од тамошните жени, со што манифестацијата добива дополнителна културна и етнолошка вредност.

Организатор на настанот е Здружението за култура, едукација и промоција „Свет од зборови“. Здружението ги поканува сите љубители на поезијата, музиката и македонската традиција да бидат дел од втората по ред поетска манифестација „Поетско ехо на Сопиште“ и заедно да создадат уште едно незаборавно културно доживување.

Настанот е поддржан од Општина Сопиште.

ПредходнаКонцерт „Lullaby for Lunatics“ на Андреа Мирческа вечерва во Јавна соба
СледнаЕУ го вклучува рачниот багаж во цената на авионскиот билет, нема веќе манипулации на компаниите