Поранешниот директор на Онкологија Нино Васев и поранешниот економски директор Нехат Нухи вкупно дале гаранција од над 500 илјади евра за да се бранат од слобода.
Кривичниот суд денеска соопшти дека Васев дал гаранција од 183.981 евра хипотека на недвижен имот, а Нухи гаранција во износ од 348.049 евра, исто така со ставање под хипотека на недвижен имот.

На обвинетите им се определени и следните мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, обврска еднаш месечно да се јавуваат во судот и привремено одземање на патните исправи и забрана за издавање нови.
– При одлучувањето, покрај позитивното мислење на Јавното обвинителство, Советот го имал предвид и фактот дека мерката притвор, определена со решение на Апелациониот суд Скопје, согласно законските одредби, може да биде продолжувана и да трае најдоцна до 18 јули 2026 година. Со оглед дека надлежното обвинителство се откажа од правото на жалба против овие решенија, а хипотеката понудена како гаранција е веќе впишана во Катастарот на недвижности, истите станаа правосилни, по што обвинетите се ослободени од притвор, информира Кривичниот суд.
Нино Васев излегува по една година во затвор. Васев заедно со Нухи се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување и проневера во службата, според обвинението сторени од 2018 до 2022 година.




