Ќе се регулира ли конечно управувањето со електрични тротинети? Полициските билтени се почесто се полни со сообраќајни незгоди во кои учесници се возачи на тротинети. Министерот за внатрешни работи најавува регулација во оваа сфера преку законски измени и построги казни.
Измените, според најавите, треба да ги поднесе пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а со нив ќе се зголеми и старосната граница за користење на тротинети.

Анализите на Министерството за внатрешни работи покажуваат дека најголем број несреќи со тротинети се случуваат кај младата популација, особено кај оние до 17 и 18 години, а возењето во групи и без заштитна опрема доведува до сериозни последици.
– Нелегалното управување, возење по двајца или тројца, без кациги и без почитување на правила доведува до сериозни последици, изјави вчера министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Некои од земјите во регионот како Грција веќе најавија поригорозни правила за употреба на тротинетите ограничувајќи го користењето на лица над 18 години.




