дома Свет Балкан Протест во Нови Сад, се бараат предвремени парламентарни избори во Србија

Протест во Нови Сад, се бараат предвремени парламентарни избори во Србија

Илјадници луѓе синоќа  протестираа во саботата во северниот српски град Нови Сад во знак на сеќавање на смртта на 16 лица во 2024 година , откако се урна тенда на железничка станица, како и за да побараат предвремени парламентарни избори, објави Ројтерс.

Студентските антивладини протести, кои понекогаш стануваа и насилни, се проширија низ цела Србија, потресувајќи го 13- годишното владеење на претседателот Александар Вучиќ и неговата Српска напредна партија.

Демонстрантите, опозицијата и групите за човекови права велат дека она што се случи на железничката станица е знак за генерално лошо управување со градежните проекти од страна на владата и корупција.

Студентските активисти велат дека сакаат да ги предизвикаат Вучиќ и СНС на претстојните парламентарни и претседателски избори. И двата се закажани за 2027 година, но Вучиќ рече дека би можел да ги распише на почетокот на следниот месец.

 Демонстрантите и групите за човекови права, исто така, ги обвинуваат Вучиќ и владини претставници за изборна измама, насилство врз противниците, задушување на слободата на медиумите, корупција и врски со организираниот криминал. Вучиќ и неговите сојузници ги негираат обвиненијата.

Во телевизиски пренос во живо што се совпадна со митингот во Нови Сад, Вучиќ рече дека неговите поддржувачи ќе се соберат на 27 јуни.

„Ги повикувам да не покажуваат гнев кон никого, туку да се соберат под српското знаме“, рече тој.

Србија е кандидат за членство во Европската Унија (ЕУ) , но Белград прво мора да го подобри владеењето на правото , вклучувајќи ги условите за слободни и фер избори, судството и да ја искорени корупцијата и организираниот криминал. Србија, исто така, мора да ја усогласи својата надворешна политика со онаа на блокот, вклучително и воведување санкции врз Русија поради војната во Украина.

 Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, ги обвини студентите-организатори на протестот од 15 март 2025 година дека планираат да предизвикаат граѓанска војна во земјата.

Врховното државно обвинителство претходно нареди истрага за наводите дека студентите кои го организираа протестот планирале да употребат звучно оружје против демонстрантите.

„Наш протест“: Срамна емисија за „звучен топ“ на РТС, бараме отпуштање на уредништвото

Меѓународните организации ги разгледаа доказите и потврдија дека е користен звучен уред за време на протестот.

Протестот, организиран од студенти, опфати дискусии за изборниот систем, состојбата во полицијата, судството и медиумите, како и за сè поголемата недоверба на граѓаните во институциите. Активистите истакнаа дека целта е поширока мобилизација на општеството и притисок за промена на политичкиот систем.

Една од говорничките, Катерина Перовиќ, активистка од „Гласовите на младите на општина Кула“, порача дека „Србија не е Српската напредна странка, ниту Александар Вучиќ, туку сите граѓани“. Професорката Сања Белиќ од Природно-математичкиот факултет оцени дека уцените и купувањето гласови се меѓу клучните проблеми на системот и повика граѓаните да излезат и да гласаат и покрај тешките услови.

Студентката Матеја Магда од Правниот факултет истакна дека Нови Сад е „местото каде што сè започна“, алудирајќи на трагедијата на железничката станица, и најави летни активности „од врата до врата“ со цел проширување на поддршката за студентското движење.

Меѓу присутните беа и познати личности, меѓу кои српскиот кошаркар и претседател на Евролигата Дејан Бодирога, како и ректорот на Универзитетот во Белград, Владан Ѓокиќ. Локалните медиуми јавија дека протестот поминал без инциденти, а граѓаните се разотишле пред стемнување, како што претходно најавиле организаторите од безбедносни причини. Ниту организаторите ниту медиумите не објавија точна бројка на учесници, додека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека на протестот имало околу 3.300 луѓе.

Овој студентски собир е прв поголем протест по големиот собир во Белград на 23 мај и продолжение на повеќемесечните активности започнати по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица. Демонстрантите и понатаму бараат политичка и кривична одговорност.

Во меѓувреме, студентското движење прерасна во поширока политичка платформа која бара предвремени избори, подобрување на изборните услови и поголема отчетност на институциите. Властите во Србија упатија критики кон студентите, додека Александар Вучиќ најави дека на состанок на Српската напредна странка на 27 јуни во Белград ќе се разговара за избори и можни политички одлуки, вклучително и неговата улога во иднина. Тој најави дека избори би можеле да се одржат во октомври или ноември, без да прецизира дали станува збор за парламентарни или претседателски избори, и ги повика граѓаните да присуствуваат на партискиот собир за да ги слушне нивните ставови

ПредходнаНаучници во Русија идентификуваа 30 нови вируси што се пренесуваат преку комарци и крлежи
СледнаСветскиот ден на музиката се слави во 120 земји