Кралицата на поп музиката Мадона откри дека нејзиниот долгонајавуван биографски филм требало да се снима во Србија, но дека проектот никогаш не бил реализиран поради несогласувања со студиото „Јуниверзал пикчрс“ околу буџетот.
Во интервју за списанието „Интервју“, кое го пренесува и „Вариети“, поп-ѕвездата изјавила дека работела на сценариото две години и дека поминала исто толку време работејќи со луѓе од студиото „Јуниверзал“ на буџетот и изборот на актерите. Сепак, како што рекла, соработката била прекината бидејќи студиото не ја прифатило сумата што ја сметала за потребна за филм за нејзиниот живот.
– Требаше да снимам филм за својот живот. Две години работев на сценариото, а две години со продуцентите во „Јуниверзал Студиос“ работев на буџетот и кастингот. Дојде до конфликт помеѓу мене и „Јуниверзал“ поради буџетот, бидејќи ми требаше голем буџет. Имав исклучителен живот, голем живот, па затоа ми требаше и голем буџет – рекла Мадона.
– Се обидов да најдам начин да го снимам филмот за помалку пари во Србија. Можеби едноставно не веруваа во мене. Една од нивните први реакции беше: „Не веруваме дека во Србија би останале повеќе од четири дена“. А јас им реков: „Дали го прочитавте сценариото?“ Целиот мој живот беше борба за опстанок. Не одам таму на одмор – раскажала музичката ѕвезда.
Мадона рекла дека, откако ја прекинала соработката со „Јуниверзал“, добила понуда од „Нетфликс“ својот живот да го преточи во серија, но и тој процес траел со месеци. Таа навела дека не може да го користи сценариото што го развивала со „Јуниверзал“, освен ако не го откупи назад од студиото по, како што рекла „изнудувачка цена“, иако самата го напишала.
Според претходните информации објавени од „Вариети“, филмот требало да го следи патувањето на Мадона од растењето во Мичиген, преку уметничкото созревање во Њујорк во текот на осумдесеттите години, до издавањето на албумот „Ray of Light“ во 1998 година.
За главата улога на Мадона во 2022 година беше избрана Џулија Гарнер, позната по серијата „Озарк“, по повеќемесечен процес на аудиција следен од медиумите. Сценаристите Диабло Коди и Ерин Кресида Вилсон исто така работеа на сценариото во текот на годините.
„Нетфликс“ сега развива автобиографска серија за Мадона преку договорот на продуцентот Шон Леви со таа платформа, но Џулија Гарнер не е дел од таа верзија на проектот, според наводите на „Вариети“.
„Јуниверзал пикчрс“ сè уште не се огласил за тврдењата на Мадона.




