Директорот на Националната дирекција за кибер безбедност на Израел, Јоси Каради, денес изјави дека овој јуни се регистрирани околу 4.800 кибер напади од Иран, што е нагло зголемување во споредба со претходната година.

Каради изјави за германскиот весник „Ди Велт“ дека во истиот месец во 2025 година се регистрирани околу 1.600 непријателски кибер инциденти, што покажува значително зголемување на активноста, објави Ројтерс.
Според него, нападите се интензивирале по почетокот на американско-израелската офанзива против Иран.
Каради рече дека целите биле различни системи – од критична инфраструктура и државни институции, до мали и средни претпријатија, како и поединци, вклучувајќи адвокатски и сметководствени фирми.
Тој додаде дека критичните инфраструктурни системи на Израел досега успешно се спротивставиле на нападите, но предупреди дека кибер заканите мора да се сфатат сериозно.
„За разлика од физичкото војување, нема прекин на огнот во киберпросторот“, рече Каради.
Според него, помалку заштитените организации честопати претрпеле сериозни штети, вклучително и бришење на компјутерски системи.
Иран претходно ги негираше обвинувањата дека врши кибер напади врз други земји, велејќи дека самиот е цел на слични активности.




