дома Култура Кратово го „приведе“ универзумот: Книги, џез и космос во магична вечер во...

Кратово го „приведе“ универзумот: Книги, џез и космос во магична вечер во стариот турски затвор

Кратово неодмана беше домаќин на исклучително културно доживување кое на едно место ги спои книжевноста, музиката, филозофијата, технологијата и интелектуалната дебата, претворајќи го стариот турски затвор во необична сцена на која, симболично, беше „приведен“ самиот универзум.

Настанот, организиран од „Кратовски книжевен центар“, на публиката ѝ понуди ретко видена мултимедијална вечер инспирирана од книжевното творештво на писателот Валентин Нешовски, а уникатниот простор на историскиот објект – стариот турски затвор – со својата автентичност, архитектонска тежина и специфична енергија создаде речиси магична атмосфера која совршено се вклопи со тематските универзуми што ги отвора неговата литература.

Посебна димензија на вечерта внесе внимателно осмислениот музички сегмент кој донесе дополнителна емоционална длабочина и атмосфера што извонредно кореспондираше со книжевниот свет на Нешовски.

Публиката уживаше во извонредните настапи на врвни македонски музичари – Добрила Грашеска на вокал, чија интерпретација внесе силна емоција и топлина, Никола Ристевски на тромбон, Гордан Спасовски на пијано и Кирил Кузманов на саксофон. Заеднички создадоа впечатлив музички сплет составен од внимателно избрани џез стандарди и безвременски композиции кои совршено ја надополнија целокупната атмосфера на вечерта.

dobrila promoczija kratovo

Токму синергијата помеѓу литературата, џез музиката и уникатниот амбиент на старата архитектура на Кратово ја претвори вечерта во културно доживување кое долго ќе остане во сеќавањето на присутните.

Говорејќи за концептот на настанот, авторот Валентин Нешовски истакна дека идејата, заедно со организаторот „Кратовски книжевен центар“, била симболично да се илустрира вечната дихотомија помеѓу слободата и ограничувањето.

„Сакавме да илустрираме една дихотомија за слободата и ограниченото – да го приведеме универзумот и неговата слобода во затвор за да ги испитаме неговите тајни и неговото чудно однесување кон човештвото во последно време. Ако ме праша некој – каква е твојата литература во пет-шест збора, би рекол – таа е за некој човек загледан во иднината, а на нозете носи тешки пранги од минатото“, рече Нешовски.

Силен впечаток остави и обраќањето на Отец Теофан, кој направи длабока анализа на целата книжевна трилогија, потенцирајќи дека Нешовски создава исклучително оригинален книжевен космос.

otecz teofan promoczija

„Авторот со ништо ограничен, создава своевиден небесен мизансцен по кој го распослал патувањето низ краиштата на универзумот, поништувајќи го просторот и времето. Во таа интергалактичка пустоловина ќе отидете до само теоретски знајните пространства, а каде тој нè носи, т.н. е погледот на Господ. Понатаму ќе откриете како го спасува деструктивното човештво од самото себе, му обезбедува долготраен и досаден мир, утописки прогрес и единство, но и како вешто го слика неговиот крај. Тоа по мене е една од најоригиналните апокалиптични претпоставки што сум ги прочитал“, истакна отец Теофан.

Професорката Ана Чупеска, осврнувајќи се и на стручната книга на Нешовски „Конфликт, мир и медиуми“, оцени дека неговото творештво претставува многу повеќе од класична научна фантастика.

ana chupevska promoczija

„Во нашиот јавен дискурс, научната фантастика премногу често се маргинализира како ескапистички жанр – како комфорно прибежиште за оние кои одбиваат да се соочат со емпириската стварност. Но, читајќи го Валентин Нешовски, сфаќаме дека неговиот фиктивен наратив е всушност нешто сосема друго: тој е високософистицирана епистемолошка алатка за деконструкција на реалноста“, истакна Чупеска.

Таа нагласи дека Нешовски не е само автор на спекулативна фикција, туку „луциден футурист“ кој преку литературата ја мапира иднината што веќе започнала во сегашноста.

„Она што е фасцинантно, а воедно и длабоко предупредувачко, е што овој ракопис, иако настанат пред две децении, денес резонира со исклучителна актуелност. Концептите на конфликт, човекова безбедност, медиумска пропаганда и постконфликтна транзиција не само што не избледеа, туку во денешниот геополитички контекст добиваат уште поакутна димензија“, рече Чупеска.

Во своето излагање, политикологот Тони Поповски потенцираше дека Нешовски создава препознатлив книжевен универзум во кој егзистенцијалните дилеми, филозофската рефлексија и космичката имагинација се преплетуваат во единствена наративна целина.

toni popovski promoczija kratovo

„Во ‘Една книга’ литературата се појавува како простор за самоспознавање и интелектуално патување. Во ‘Последната мисла во универзумот – Апокалипса’ овие прашања добиваат драматична димензија преку соочувањето со крајот – не само како физичко исчезнување, туку и како филозофска категорија што нè принудува да ја преиспитаме сопствената минливост“, рече Поповски.

Тој додаде дека овие романи се дел од поширок интелектуален проект преку кој литературата се користи како алатка за разбирање на човековото место во време на забрзани технолошки промени, политички неизвесности и космички прашања што остануваат мистериозни уште од почетокот на цивилизацијата.

Во своето обраќање, комуникологот Миле Бошњаковски нагласи дека романот „Последната мисла во универзумот“ отвора едно од најдлабоките филозофски прашања со кои човештвото некогаш се соочило.

„Книгата ‘Последната мисла во универзумот’ на Валентин Нешовски не е научна фантастика што ја користи иднината како декор. Ова е сериозна филозофска разработка на едно од најголемите прашања со кое човештвото некогаш се соочило — дали проблемот на светот навистина лежи во системите што ги создаваме или во самата човечка природа“, истакна Бошњаковски.

Тој посочи дека особено силна е идејата за Глобалната Вештачка Интелигенција која ги елиминира сите историски причини за конфликт – религијата, национализмот, економската нееднаквост, борбата за ресурси и трибализмот.

„И токму кога се создава совршена хармонија, човекот повторно создава нова причина за уништување. Во тој момент станува јасно: проблемот никогаш не бил во идеологиите, ниту во технологијата. Проблемот отсекогаш бил човекот самиот. Тоа, според мене, е најсилната и највознемирувачка идеја во ова извонредно дело на Нешовски“, нагласи Бошњаковски.

Дополнителна тежина на творештвото на Валентин Нешовски му дава и неговата работа во областа на современите технологии и вештачката интелигенција. Заедно со Џабир Дерала, Нешовски е коавтор на книгата „Човекот, роботот и дигиталниот Бог“, дело во кое уште во 2023 година беа предвидени голем дел од денешните технолошки достигнувања, но и сериозните опасности што произлегуваат од експанзијата на вештачката интелигенција врз општеството, економијата, безбедноста и меѓучовечките односи.

Промоцијата на книжевната трилогија на Валентин Нешовски на кратовчани им понуди ретко видена мултимедијална вечер во која книжевноста, музиката, филозофијата, технологијата и уникатниот амбиент се споија во едно комплетно културно искуство, уште еднаш потврдувајќи дека Кратово знае да создава настани со вистинска уметничка и интелектуална вредност.

48 часа

ПредходнаГолем месечен хороскоп за јули. Што го очекува секој знак?
СледнаЗаврши боледувањето на Лукровски, се враќа на работното место во Општина Карпош