Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменковска-Трајковска, на Фејсбук објави дека сите жители на општината погодени од неодамнешното силно невреме, може да аплицираат за доделување на еднократна парична помош за претрпените штети.

-Драги сограѓани, жители на општина Кисела Вода,
Поради неодамнешните обилни врнежи од дожд и невремето што го зафати подрачјето на град Скопје, многу наши сограѓани претрпеа штети на своите станбени објекти.
Со цел да им се излезе во пресрет на жителите кои претрпеа поголеми штети, Општина Кисела Вода отвора постапка за доделување на еднократна парична помош за овие граѓани.
Лицата кои ќе аплицираат за оваа помош, потребно е до Архивата на Општина Кисела Вода да достават барање придружено со следната документација:
Фотокопија од важечка лична карта или пасош (за малолетни лица извод од матична книга на родените);
Фотокопија од трансакциска сметка;
Фотографии од настанатата штета;
Записник од надлежен орган за претрпената непогода;
Доказ за сопственост на објектот.
По приемот на барањата, проценка ќе прави посебно формирана Комисија, по што ќе се одлучи за одобрување на финансиските средства.
Ги повикувам граѓаните целокупната документација да ја достават во најбрз можен рок до Архивата на Општината, за понатамошно постапување од страна на надлежните служби. Остануваме посветени на нашите граѓани!, напиша градоначалничката.




