дома Локално 73 лица го користат бесплатниот „Сервис за стари лица“ во Центар

73 лица го користат бесплатниот „Сервис за стари лица“ во Центар

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ја посети корисничката на бесплатниот „Сервис за стари лица“, Снежана Чупевска, со цел да се запознае со начинот на функционирање на услугата и нејзиното значење за повозрасните жители.

Од Општина Центар информираат дека во моментов сервисот го користат 73 лица, од вкупниот капацитет за 90 корисници. Герасимовски ги повика заинтересираните граѓани да аплицираат и да ја искористат можноста за бесплатна поддршка во домашни услови.

„Со овој проект обезбедуваме помош, социјализација и грижа за нашите повозрасни сограѓани, со што им го олеснуваме секојдневието и им овозможуваме достоинствен престој во сопствените домови“, посочи Герасимовски.

За време на посетата, тој разговараше со 76-годишната корисничка и со негувателката Бранка Милковска, кои споделија дека услугата не значи само практична помош, туку и создавање блиски односи и поддршка за лицата кои ја користат.

Сервисот обезбедува посети од негуватели трипати неделно по два часа, помош при секојдневни активности, лична хигиена, подготовка на оброци, набавка на намирници и лекови, како и разговор и дружење.

За корисниците на кои им е потребна дополнителна здравствена поддршка, обезбедени се и посети од физиотерапевт двапати неделно по еден час.

Проектот „Сервис за стари лица“ Општина Центар го реализира во соработка со здружението „Хуманост“.

ПредходнаНе е само млекото: Овие намирници ги зајакнуваат забите и коските
СледнаНови лулашки, обновени клупи, побезбеден простор: Реновирани две детски игралишта во Карпош