Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ја посети корисничката на бесплатниот „Сервис за стари лица“, Снежана Чупевска, со цел да се запознае со начинот на функционирање на услугата и нејзиното значење за повозрасните жители.
Од Општина Центар информираат дека во моментов сервисот го користат 73 лица, од вкупниот капацитет за 90 корисници. Герасимовски ги повика заинтересираните граѓани да аплицираат и да ја искористат можноста за бесплатна поддршка во домашни услови.
„Со овој проект обезбедуваме помош, социјализација и грижа за нашите повозрасни сограѓани, со што им го олеснуваме секојдневието и им овозможуваме достоинствен престој во сопствените домови“, посочи Герасимовски.
За време на посетата, тој разговараше со 76-годишната корисничка и со негувателката Бранка Милковска, кои споделија дека услугата не значи само практична помош, туку и создавање блиски односи и поддршка за лицата кои ја користат.
Сервисот обезбедува посети од негуватели трипати неделно по два часа, помош при секојдневни активности, лична хигиена, подготовка на оброци, набавка на намирници и лекови, како и разговор и дружење.
За корисниците на кои им е потребна дополнителна здравствена поддршка, обезбедени се и посети од физиотерапевт двапати неделно по еден час.
Проектот „Сервис за стари лица“ Општина Центар го реализира во соработка со здружението „Хуманост“.




