Левица утре ќе се обиде да организира координативна средба со опозициските партии за Изборниот законик на која ќе се направи обид да се усогласат ставовите и да се формулира заеднички предлог што ќе биде доставен до владејачкото мнозинство.
– Изборниот законик е еден од најважните закони во секоја демократија и токму затоа е несериозно владејачкото мнозинство да се повлекува од процесот и сопствената одговорност да ја префрли врз опозицијата. ДПМНЕ ја пушти змијата во процесот – постави црвени линии околу гласањето на дијаспората, го оптовари целиот процес со тема што не беше предмет за формирање на Работната група, а потоа се повлече на страна, оставајќи ја опозицијата сама да го расплетува јазолот што самата власт го создаде. Власта не може да биде предлагач на закон, да располага со парламентарно мнозинство, а истовремено да се однесува како обичен набљудувач на процесот, велат од Левица.
За Левица, суштината на овие разговори е една изборна единица, барање кое ќе овозможи Собранието пореално да ја отсликува волјата на граѓаните.
– Нашата цел не е уште една политичка средба без исход, туку сериозен обид опозицијата да застане зад најголемата демократска реформа на изборниот систем – една изборна единица. Доколку постои добра волја, понеделник може да биде почеток на процес што конечно ќе ја воспостави еднаквоста на секој глас.
Левица ќе направи сѐ за да се изгради заедничка позиција околу една изборна единица, стои во соопштението од Левица.



