Девојка од Куманово, на својот Инстаграм профил, во видео порака бара институциите на системот да ѝ помогнат да биде хоспитализиран нејзиниот татко кој има дијагноза дека е алкохоличар. Тој вчера бил пријавен во полиција затоа што на мајката на девојката и негова сопруга, ѝ се заканил дека ќе ја убие, но таа имала тавче со врело масло од пржење јајца како штит и така се одбранила.
Фото скриншот Инстаграм видео
Потоа бил пријавен во полиција, од каде бил пренесен во психијатриското одделение во кумановската болница каде и сега се наоѓа. Но, од оваа болница на семејството му кажале дека утре ќе го пуштат дома, дека најмногу можат да го хоспитализираат 48 часа, а кога се јавиле во Бардовци, од таму им кажале дека нема место бидејќи се реновира оддел.
Сопругата на човекот, во разговор за „Слободен печат“ рече дека тој претходно успешно бил излекуван од алкохолизам дека 6 години бил „чист“ и дека сака да ѝ биде помогнато повторно да го изоди тој пат каде ќе му се понуди институционална помош на нејзиниот сопруг и татко на нејзините деца. Според неа, кога ќе се напие човекот е агресивен, исфрла работи од шкафот, вика, а под дејство на алкохол се појавил и во болница каде зимоска било лекувано нивното помало дете.
Според неофицијални информации на „Слободен печат“ човекот има решение за упатување во психијатриска болница Бардовци, но таму немало место.
Секторот за внатрешни работи Куманово е запознаен со случајот и интензивно се работи за расчистување на истиот. По консултација со Основно јавно обвинителство и други надлежни институции ќе бидат преземени конкретни мерки против П.Ц. од Куманово, велат од МВР за „Слободен печат“.



