Неколку експлозии одекнаа вечерва во иранските градови Сирик и Бандар Абас, како и на островот Кешм, објавија иранските медиуми, додека Централната команда на вооружените сили на Соединетите Американски Држави (CENTCOM) објави дека започнала нов бран напади врз цели во Иран.

Иранската државна телевизија објави дека експлозиите се слушнале во близина на селото Тахеруџи, во близина на градот Сирик на југот од земјата, а новинската агенција Фарс објави дека се регистрирани неколку експлозии во Сирик и Бандар Абас.
Според Ал Џезира, неколку експлозии се слушнале и на островот Кешм во Персискиот Залив.
Во исто време, CENTCOM објави дека започнала нов бран напади врз Иран, наведувајќи дека целта е да се продолжи со слабеењето на способноста на Техеран да напаѓа трговски бродови во Ормутскиот теснец.

Во соопштението се додава дека врховниот командант наредил напад за наводно да ги повика на одговорност иранските сили.




