Светот би можел да се соочи со нов бран поскапувања на храната во наредните години, предупредуваат економистите и климатските експерти. Причината е временскиот феномен „супер Ел Нињо“, кој, според најновите проценки, има големи шанси да се развие во исклучителна асилен климатска н неповолност во периодот 2026–2027 година.

Во услови кога конфликтите на Блискиот Исток веќе вршат притисок врз цените на храната и енергенсите, аналитичарите предупредуваат дека екстремните временски услови дополнително ќе ги нарушат глобалните синџири на снабдување.
NOAA: Постои 63% веројатност за силен Ел Нињо
Според Националната управа за океани и атмосфера на САД (NOAA), затоплувањето на Тихиот Океан веќе е во тек. Последните проценки покажуваат дека има 63 проценти веројатност температурата на површината на морето до крајот на годината да биде повеќе од 2 Целзиусови степени над просекот, што е показател за развој на многу силен Ел Нињо.
Научниците предупредуваат дека таквиот развој може да предизвика екстремни топлотни бранови, поплави, суши и силни бури во различни делови на светот.
Се враќа „климатската инфлација“
Економистите од италијанската банка UniCredit предупредуваат дека повторно се враќа таканаречената „климатска инфлација“. Според нив, неодамнешните топлотни бранови во Европа веќе покажуваат колку климатските промени влијаат врз економијата, а силниот Ел Нињо дополнително би ги засилил тие последици.
Тоа би можело да значи продолжување на инфлацијата и подолго задржување на високите каматни стапки од страна на централните банки.
Храната може да поскапи за речиси 16 проценти
Според анализите на Goldman Sachs, цените на земјоделските суровини на светските пазари би можеле да пораснат за 15,8 проценти. Тоа директно би се одразило врз цените на храната во Европа и во останатиот дел од светот.
Сепак, експертите предупредуваат дека најголемиот удар нема да се почувствува веднаш. Поради времето потребно климатските промени да влијаат врз приносите и резервите на храна, најсилните ефекти се очекуваат во втората половина на 2028 година.
Најголем ризик за кафето, шеќерот, оризот и палминото масло
Аналитичарите предупредуваат дека екстремните временски услови би можеле значително да го намалат производството на неколку клучни земјоделски култури.
Меѓу најзагрозените производи се кафе, какао, шеќер, ориз и палмино масло. Цените на овие производи би можеле да пораснат од 50 до 100 проценти, а во одредени случаи и повеќе.
Светот го очекуваат суши и поплави
Ел Нињо би можел да предизвика различни екстремни временски појави низ светот: суши во јужна Африка и северните делови на Јужна Америка, големи поплави во јужен Бразил, Аргентина, Парагвај и Уругвај, послаби монсунски дождови во Индија, што би ја намалило производството на пченица, ориз и шеќерна трска и суши во Југоисточна Азија, кои би влијаеле врз производството на палмино масло, кафе и какао.
Европа нема да биде поштедена
Иако Ел Нињо нема директно да ја погоди Европа како некои други региони, европските потрошувачи би можеле најсилно да ги почувствуваат последиците преку повисоки цени во продавниците.
Според проценките на UniCredit, во најлошото сценарио глобалното земјоделско производство би можело да се намали за 14,3 проценти, што претставува економска загуба од околу 342 милијарди американски долари. Експертите предупредуваат дека ова би можело да биде уште еден сериозен удар врз светската економија, која сè уште се справува со последиците од геополитичките кризи, високите цени на енергенсите и климатските промени.




