Во попладневните часови беше јасно дека во главниот град на Албанија се подготвува еден од најголемите музички настани во годината. Специјални шатл-автобуси со натпис на Канје Вест сообраќаа низ градот, носејќи ги посетителите до стадионот „Игл“, додека пред влезот се формираа бескрајни редици неколку часа пред почетокот.
Спектакуларна сценографија
Кога светлата на стадионот се изгаснаа, се случи визуелен спектакл. На сцената доминираше огромна купола над која беа проектирани облаци, вселенски мотиви и анимации, додека Канје Вест во еден момент се појави на неа, опкружен со светлосни ефекти.
Публиката ги следеше неговите најголеми хитови, а социјалните мрежи набрзо беа преплавени со снимки од импресивната сценографија, која многумина ја нарекуваат една од најимпресивните што раперот ги претставил досега.
Но, концертот не беше само музички настан. Во деновите што му претходеа, тој предизвика жестока дебата во Албанија и пошироко.
Албанската влада се соочи со критики откако издвои четири милиони евра за поддршка на организацијата на концертот. Премиерот Еди Рама ја бранеше одлуката, тврдејќи дека станува збор за инвестиција што ќе донесе повеќекратни придобивки за земјата преку туризмот и трошењето на посетителите. Тој процени дека околу 25.000 странски гости од 80 земји пристигнале во Тирана, а вкупното економско влијание на настанот би можело да достигне 100 милиони евра.
Во исто време, некои во јавноста веруваат дека користењето јавни пари за концертот е погрешна одлука, особено во време кога Албанија е потресена од антивладини протести што траат со недели. Критиките дополнително се засилија со претходните антисемитски изјави на Вест и јавното величење на Адолф Хитлер, што доведе до откажување или забрана на неговите настапи во неколку европски земји во последните месеци.
И покрај сè, концертот се одржа според планот, а Тирана стана центар на светската музичка сцена за една ноќ. За некои, тоа беше голем туристички успех и настан што ќе се памети долго време, додека други сметаат дека цената што ја плати Албанија – финансиски и во однос на угледот – беше превисока.




