Цените на нафтата скокнаа за повеќе од 4% денес , објави Ројтерс.

Испораките на енергетски суровини преку Ормутскиот теснец остануваат под закана поради обновените воени напади меѓу САД и Иран.
Фјучерсите за суровата нафта „Брент“ се зголемија за 3,10 долари, или 4,08%, на 79,11 долари за барел до 03:25 часот по Гринич. Фјучерсите за суровата нафта од Западен Тексас (WTI) се зголемија за 2,95 долари, или 4,11%, на 74,36 долари за барел.
Централната команда на САД (CENTCOM) соопшти дека американските сили вчера извршиле нова серија напади врз Иран , погодувајќи десетици цели на различни локации со високопрецизна муниција. Од своја страна, Иранската револуционерна гарда објави дека нападнала американски воени бази во Кувајт и Бахреин.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека Ормутскиот теснец останува отворен за комерцијален бродски сообраќај. Сепак, Иран претходно соопшти дека го затворил теснецот откако еден брод пловел по неовластена рута и бил погоден.
Пред почетокот на војната кон крајот на февруари, околу 20% од светските залихи на нафта и течен природен гас минуваа низ Ормутскиот теснец.
Ескалацијата фрла дополнителен сомнеж врз иднината на привремениот договор меѓу САД и Иран , потпишан минатиот месец, кој имаше за цел повторно отворање на теснецот и завршување на војната по уште 60 дена преговори.
Откако беше потпишан договорот, глобалните залихи на нафта се зголемија за 4,1 милиони барели дневно во јуни, но сепак се 9,4 милиони барели дневно под нивоата пред војната, соопшти Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) во својот месечен извештај објавен во петок.
„Надежите за релативно брзо решавање на најновите судири може да се покажат како залудни откако тензиите повторно ескалираа во текот на викендот “, велат аналитичарите.
Според аналитичарот Тони Сикамор, релативно умерениот пораст на цените на нафтата покажува дека пазарите ја прифаќаат сегашната ескалација како ескалација во рамките на кревкото примирје, а не како негово целосно пропаѓање.
„Колку е точна оваа проценка, останува да се види“, забележа тој.




