дома Локално Лимани: Во моментов нема официјалени докази дека стомачните тегоби се од водата...

Лимани: Во моментов нема официјалени докази дека стомачните тегоби се од водата во Гостивар

Во моментов нема официјален медицински или лабораториски доказ дека пријавените стомачни тегоби се предизвикани од водата од градскиот водовод. Причината мора да се утврди стручно и врз основа на релевантни анализи, напиша вечерва градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани.
– Според редовните анализи што ги спроведува ЈП „Комуналец“, досега испитаните примероци покажуваат дека параметрите на водата биле во рамките на законски дозволените вредности. По добиената пријава, Јавното обвинителство, полицијата и другите надлежни институции извршија дополнителен увид и земаа нови примероци за лабораториско испитување. До објавувањето на официјалните резултати, по препорака на Агенцијата за храна и ветеринарство, воведена е привремена забрана за користење на водата за пиење и за подготовка на храна. Апелирам оваа мерка целосно да се почитува. Таа е превентивна и е донесена заради заштита на здравјето на граѓаните, пишува Лимани на Фејсбук.
Во однос на тврдењата дека дошло до мешање на канализациска и водоводна вода, градоначалникот на Гостивар се повикува на информациите од ЈП „Комуналец“ дека на посочената локација нема канализациска мрежа.
– Сепак, сите наводи се предмет на проверка и конечна оценка ќе дадат исклучиво надлежните институции, вели Лимани.
Ветува дека официјалните резултати ќе бидат јавно објавени.
– Ги повикувам граѓаните да останат смирени, да ја почитуваат привремената забрана и да се информираат од официјални извори. Во вакви моменти, одговорноста на институциите е да ги утврдат фактите, а одговорноста на сите нас е да не шириме непроверени информации, напиша Лимани на Фејсбук.
ПредходнаЌе сноси ли некој одговорност за случајот во Гостивар?
СледнаСлучајот во Гостивар доби политичка димензија – ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДСМ