Од опозицискиот СДСМ обвинуваат дека по спасувањето на Груевски и имотот на ВМРО-ДПМНЕ, Обвинителството експресно го амнестирало Драган Павловиќ-Латас бидејќи диригира со провладините медиуми и фарми со тролови
По ослободителната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски и враќањето на криминалниот имот на ВМРО-ДПМНЕ, отфрлањето на обвинението против новинарот Драган Павловиќ-Латас е уште еден јасен доказ дека премиерот Христијан Мицкоски директно управува со Обвинителството и со правосудството, рече денеска портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Богданка Кузеска, на прес-конференција во партиското седиште.
„Фарми на тролови, сестрински бот-платформи од СНС, оркестрирани кампањи на социјалните мрежи. Тој е нивниот медиумски шеф за напади врз СДСМ, врз неистомислениците, во одбрана на криминалната власт. Кога станува збор за луѓе блиски до ВМРО или до самиот Мицкоски, обвиненијата исчезнуваат, постапките се распаѓаат, а пресудите се претвораат во амнестии“.Таа рече и оти ваквите пресуди се токму тоа што го спречува европскиот пат на земјава, оти наместо независна институција која ја штити државата од криминал, има обвинителство кое работи по нарачка да го штити режимот и неговите луѓе.
„Ова не е правна држава, туку систем во кој Мицкоски одлучува кој е над законот“, заклучуваат од СДСМ, додавајќи нема напред ако премиерот решава кој ќе биде ослободен, а кој гонет.




