дома Македонија Во Гостивар прогласена епидемија, се чекаат резултатите која ќе ја откријат причината

Во Гостивар прогласена епидемија, се чекаат резултатите која ќе ја откријат причината

Во Гостивар попладнево прогласена е епидемија поради зголемување на бројот на заболени и надминување на прагот на неделно ниво. Одлуката ја донесе Центарот за јавно здравје од Тетово.

– Поради зголемен број заболени, надминување на лимитот на неделно ниво пријавуваме епидемија на подрачје на Гостивар. Редовно ја следиме состојбата, анкетираме заболени пациенти, се преземаат мерки, информираа од Центарот за јавно здравје.

Бројот на заболени со стомачни тегоби секојдневно расте. Во последните 24 часа во гостиварската Болница прегледани се околу 200 пациенти на Инфективното одделение и околу 100 деца на Одделот за педијатрија.

Од Институтот за јавно здравје во Скопје денеска соопштија дека прогласувањето на епидемија ќе овозможи и подобра координација и соработка меѓу надлежните за надминување на состојбата.

Резултатите од земените мостри од гостиварскиот водовод се очекува да бидат готови утре по што ќе бидат предадени на надлежното Обвинителство.

Министерот за здравство Сашо Клековски кој вчера беше во посета на гостиварската Болница изјави дека првите случаи се регистрирани на 13 јули.

Во петокот, на 17 јули, Агенцијата за храна и ветеринарство донесе забрана за водата за пиење.

И додека граѓаните се во очекување на причината што доведе до епидемија, политичките партии и оваа ситуација ја искористија да си ја префрлат вината едни на други.

ПредходнаТргнат билбордот на кој Букефал имаше пет нозе
СледнаПечатна грешка, вели Ѓорѓиевски за стариот билборд, поставен нов со фотографии од знаменитости на Скопје