Краткотрајното невреме проследено со силен ветер и дожд, кое го зафати Струмичкиот и Радовишкиот регион синоќа, предизвика паѓање на дрвја и пожари, објавија Територијалните против пожарни единици на Струмица и Радовиш
Силно невреме проследено со пороен дожд и силен ветер синоќа зафати повеќе делови од Источна Македонија, предизвикувајќи материјални штети, прекини во сообраќајот и оштетувања на електроенергетската инфраструктура. Најпогодени беа општините Ново Село, Струмица, Радовиш, Делчево и Куманово.
Четири против пожарни возила и девет пожарникари биле ангажирани во Радовиш за отстранување на паднати дрвја од три улици. Благодарение на брзата интервенција на екипите, дрвјата биле отстранети за кратко време, а сообраќајот повторно бил нормализиран.
Во село Подареш бил запален постар објект, а пожарот бил предизвикан од фрлање искри од запалени жици. Екипа на радовишките пожарникари со едно против пожарно возило и тројца пожарникари веднаш излегле на терен и го изгаснале огнот.
Во Ново Село на повеќе патни правци има паднати дрвја и пречки на коловозите, поради што локалните власти апелираа возачите да бидат особено внимателни.

Во Радовиш пожарникарите расчистуваа улици од паднати дрвја, а интервенираа и при пожар на објект во селото Подареш, кој, според првичните информации, бил предизвикан од искри од оштетени електрични водови. Во струмичкиот регион беа регистрирани пожари во штала во селото Висока Маала и на сува трева во Муртино, додека екипите истовремено отстрануваа паднати дрвја од повеќе локации.
Невремето во Делчево оштети кровови на објекти, електроенергетската инфраструктура и повеќе приватни имоти. Дел од жителите, меѓу кои и деца, биле безбедно евакуирани, а во расчистувањето се вклучија пожарникари, Центарот за управување со кризи и екипи од шумското стопанство.
Од попладне промена на времето, дожд и засилен ветер до петок
Силен ветер предизвика проблеми и во Куманово, каде беа урнати дрвја и лимени конструкции на повеќе локации, вклучително и на автопатот кон Скопје кај Романовце. Надлежните служби останаа на терен во текот на ноќта и продолжуваат со расчистување на последиците и нормализирање на сообраќајот. Институциите апелираат граѓаните да избегнуваат движење во близина на оштетени дрвја и електрични водови, а секоја опасност веднаш да ја пријават на броевите 112 или 193.





