Вработен во фирма ги нападнал газдите со нож бидејќи не му биле исплатени дневници.
Јавното обвинителство денеска соопшти дека 30-годишникот во вторникот попладнето кога сопружниците излегле со автомобилот од фирмата во Трубарево, осомничениот им го попречил патот, застанувајќи пред возилото. Агресивно замавнувал, ги навредувал и им се заканувал, а потоа со ножот им ја исекол левата задна гума од автомобилот. Оштетениот се обидувал да го смири, а неговата сопруга исплашена побегнала и влегла во казино во близина од каде повикала полиција.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерки за претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање на патната исправа и забрана за приближување до оштетените.




