Обвинителството бара притвор за гевгеличанец за семејно насилство. Против него е покренат обвинителен акт за две кривични дела – телесна повреда и загрозување на сигурноста.
Ноќта меѓу 18 и 19 јули, тој ја повредил неговата сопруга по претходна вербална расправија во домот околу тестаментот што го потпишала мајката на оштетената. Почнал да ја навредува и ја нападнал физички удирајќи ја со боксови и клоци во главата и телото нанесувајќи и повеќе крвни подливи.
Вечерта на 19 јули, откако сопругата го пријавила во полициската станица и заминала во куќата кај нејзината ќерка, тој испратил СМС порака со заканувачка содржина на телефонот на ќерката дека ако сопругата не се врати дома со 10 литри бензин ќе ја запали куќата, со што кај нив предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.
– Имајќи ги предвид сите околности, а особено фактот дека обвинетиот ги сторил кривичните дела во услови кога е осуден за претходно сторено кривично дело загрозување на сигурноста и му е изречена мерка – условна осуда 3 месеци, а за која рокот на проверка од 1 година се уште трае, јавниот обвинител оцени дека е неопходно да предложи да му биде определена мерка притвор додека трае новата постапка против него, велат од Обвинителството.




