дома Македонија Левица: Обвинетиот Борче Марковски ја напушти државата со амин на судството

Левица: Обвинетиот Борче Марковски ја напушти државата со амин на судството

Левица тврди дека Борче Марковски, обвинет за злоупотреби со тендерите во РЕК Битола ја напуштил државата откако со одлука на судот му бил вратен пасошот поради прифатената имотна гаранција.

– Најголемиот апсурд е што Марковски не избега спротивно на институционалните мерки, туку откако тие беа ублажени. Пасошот не му беше вратен затоа што престанала опасноста од бегство, туку поради прифатена имотна гаранција. Судот сè уште не објасни врз основа на кои конкретни законски одредби оценил дека имотната гаранција е доволна причина да се укине мерката за одземање на патната исправа. По секоја правна логика, ако постои ризик обвинет да стане недостапен, мерките треба да се зајакнуваат, а не да се ублажуваат, посочува Левица.

Она што загрижува, според Левица, е што позитивно мислење за враќањето на пасошот дало Вишото јавно обвинителство во Битола, со кое раководи Пецо Везироски. Човекот против кого пратеничката Јована Мојсоска поднела претставка до Советот на јавните обвинители поради неговото, како што посочуваат, непостапување во предметот со дивоградбата во Струга,

Во овој случај, според Левица, не може да се занемари ниту одговорноста на Министерството за внатрешни работи.

Бараат од Министерството за внатрешни работи веднаш да соопшти кога и преку кој граничен премин Борче Марковски ја напуштил државата, како и дали МВР располагало со какви било сознанија во врска со неговото заминување.

– Истовремено, Судот мора јавно да соопшти кој судија ја донел одлуката за враќање на пасошот и да го објави целосното образложение врз кое се темели таа одлука. Советот на јавните обвинители, пак, мора конечно да постапи по претставката што Левица ја поднесе против Пецо Везироски, додека Судскиот совет треба да отвори постапка за утврдување на одговорност доколку се констатира дека судската одлука е донесена спротивно на законските критериуми.

 

ПредходнаНов украински напад. Уште еден удар врз магацин на „руски Амазон“