
Шпанската Цивилна гарда започна истрага во врска со објавите на социјалните мрежи со кои се повикува на нов масовен обид на мигрантите за упад во шпанската енклава на северноафриканскиот брег Сеута, јави шпанскиот јавен радиодифизен сервис РТВЕ.
Според проценките на Цивилната гарда, станува збор за „вистинска и документирана“ онлајн кампања што се шират преку Фејсбук, ВатсАп и Инстаграм. Групите во кои се објавени овие повици имаат помеѓу 400.000 и 422.560 членови.
Сепак, властите нагласуваат дека „овие бројки треба да се земат со резерва“, проценувајќи дека ризикот од обид за упад во Сеута е „реален, но неговиот обем е неизвесен“.
Во проценката се додава дека исходот ќе зависи од превентивните мерки на мароканските власти и зголемената контрола на шпанската граница.
Истражителите евидентирале неколку споменувања на датумот 15 август, договори за точките на поаѓање и дискусии за логистика, што укажува на активна кампања. Сепак, во документот се нагласува дека не може со сигурност да се каже дека навистина ќе се случи масовно преминување. Потврдено е само постоењето на онлајн повик, додека спроведувањето, бројот на учесници и организатори остануваат непознати.
Според извештајот, во моментов нема докази дека мароканските власти, нејзините безбедносни служби или криминална организација стојат зад кампањата. Во исто време, акцијата не се смета за целосно спонтана, бидејќи е очигледен одреден степен на дигитална координација.
Градоначалник на Сеута пред ЕП: Тоа е инвазија. Бараме итно протерување на мигрантите
Во меѓу време градоначалникот на Сеута, Хуан Хесус Вивас, минатонеделниот масовен упад на десетици илјади луѓе од Мароко во шпанската енклава го опиша како „инвазија“ и повика на итно враќање на мигрантите кои останаа во градот.
„Според речникот на Шпанската кралска академија, втората дефиниција за инвазија се однесува на необично или неправилно окупирање на место. Токму тоа се случи на 30 и 31 јули, кога околу 80.000 луѓе влегоа во нашиот град, колку што е целото население на Сеута, рече денеска Вивас во обраќање пред Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи на Европскиот парламент оцени
Тој нагласи дека настанот го доведува во прашање интегритетот на Сеута, Шпанија и целата Европска Унија.
Последици од мигранстката криза: Пренатрупани прифатни центри
Иако повеќето мигранти се вратија во Мароко, Вивас нагласи дека кризата остави траума во градот. „Се соочуваме со хуманитарна криза од огромни размери, придружена со нарушување на јавниот ред и сериозен ризик за јавната безбедност“, рече градоначалникот на Сеута.
Вивас додаде дека помеѓу 3.000 и 5.000 мигранти сè уште се сместени во локалните прифатни центри, кои во моментов се преполни.
„Ова не ни дозволува да кажеме дека животот во градот за нашите граѓани се вратил во нормала“, рече Вивас, истакнувајќи дека точниот број на преостанати мигранти не е објавен поради недостигот на ресурси за нивна регистрација.
Тој ги повтори своите барања за построги гранични контроли и итно враќање на оние што влегле нелегално во градот. „Бараме итно протерување на Мароканците што влегоа нелегално во нашиот град и кои сè уште се тука“, рече Вивас.
На прашање на европратник дали џихадисти што претходно биле протерани од Европа влегле во Сеута за време на упадот на мигрантите, Вивас одговори дека локалните власти не знаат дали има џихадисти меѓу оние што влегле.




