Македонија се соочува со една од најсериозните демографски кризи во својата понова историја. Најновите податоци што ги објави Министерството за образование и наука се алармантни. На почетокот на новата учебна година се очекува драстичен пад од неколку илјади првачиња во споредба со лани. Иако уписите сè уште траат, првичните бројки на МОН укажуваат дека во училишните клупи ќе имаат значително помалку запишани дечиња, што е директна последица на континуираниот пад на наталитетот и масовната емиграција на младите.

– Бројката во основно училиште е значително намалена и таа не е дефинитивна затоа што уште ќе се запишуваат. Се надевам дека малку ќе опадне бројката, но е страшно голема во однос на демографијата. Жал ми е што морам да кажам, но тоа е факт, некаде околу 4.900 првачиња помалку има од лани до оваа година. Колку и да се запишат, уште две илјади да се запишат, ќе бидеме со најмалку 3.000 првачиња помалку. Тој тренд го очекуваме и следната година, што е поразително за оваа земја, рече вчера министерката за образование и наука Весна Јаневска.
И статистика ги потврдува ваквите тврдења. Ако се погледнат само изминатите две години може да се забележи контиуниран пад. Во 2024/2025 година се запишале 19.452 првачиња, а претходната 2023/24 година имало 19.848 првачиња што е за речиси 400 дечиња помалку.
Намалувањето не го заобиколува ниту средното образование, каде што исто така се забележува намелен опфат на нови ученици во прва година. Така, лани во прва година биле запишани 17.984 ученици, а претходната година 17 596 ученици.
Статистика бележи пад не само кај првачињата и кај учениците во прва година, туку генерално во основните и во средните училишта.

Ако на ова се додадат и статистичките податоци како најрелевантни за бројот на живородени деца тогаш дефитивно Македонија станува држава на стари лица – бројот на умрени лица веќе со години го надминува бројот на живородени деца.
Само лани бројот на умрени е поголем од бројот на родени или прикажано преку бројки имало 15 850 родени наспроти 20 287 умрени што значи дека имаме негативен природен прираст.
Кога на ова ќе се додаде и фактот што сè поголем број млади парови заминуваат од државата пред воопшто да оформат семејство, тогаш јасно е дека последиците ќе се чувствуваат долги години во сите сегменти на општеството. Да не го вртиме кругот, односно работособно население, обезбедување пари за пензиските фондови, пари за и во државата…
Демографијата е проблем со којшто се соочуваат многу држави, но ваквите бројки дефинитивно треба да бидат аларм за властите кои час поскоро треба да преземат итни мерки за надминување на ситуацијата.
Тоа го бараат и експертите – итни, системски и долгорочни демографски политики за поддршка на младите семејства, квалитетни и платени работни места и подобар животен стандард. И веројатно потоа ќе ги наполниме и ученичките клупи и фабриките со свои деца, со безбедна иднина и за Македонија и за Македонците.




