
Одлуката на Шпанија да воведе контрола на патниците од Италија е „неразбирлива и целосно неприфатлива“, изјави денеска италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, во реакција на решението на Мадрид за „случајни проверки“ од ноќеска на полноќ на патниците што пристигнуваат од Италија.
Постапката на властите во Мадрид следи како одговор на одлуката на Рим да воведе проверки на патниците од Шпанија од 1 август. Италијанските власти тогаш го оправдаа ваквиот потег со приливот на околу 72.000 мигранти во шпанска територија на брегот на Северна Африка, Сеута, што се случи два дена претходно.
Шпанските власти ги оценијаа италијанските проверки како „неосновани“, нагласувајќи дека до 1 август состојбата на границата на Сеута веќе била под контрола, а повеќето од мигрантите се вратени во Мароко. Мадрид потенцира и дека Сеута не е дел од Шенген зоната на слободно движење, па оттаму шансите лица кои немаат легитимен престој да можат да патуваат во континентална Европа се минимални.
„Оваа мерка, пред сè, е напад врз достоинството на шпанскиот народ, но и потег што го поткопува европското единство“, рече тогаш шефот на шпанската дипломатија Хозе Мануел Албарес, оценувајќи дека италијанските контроли довеле до „неприфатливи“ сцени на аеродромите во Италија.
Сега, по одлуката за реципрочни мерки на Шпанија, Тајани во интервју за весникот „Ла Стампа“ оцени дека реакцијата на Мадрид е „несфатлива и целосно неприфатлива“. Тој меѓутоа нагласи дела воведувањето на таквата мерка од италијанска страна било соодветно, имајќи ги предвид информациите за повици преку социјалните мрежи за нови масовни преминувања во Сеута кон средината на август.
„Мора да воспоставиме ред. Ние не сме против Шпанија, но наша должност е да ги заштитиме сопствените граници“, рече Тајани, изразувајќи загриженост дека некои од мигрантите можеби имаат џихадистички ставови.
Тој ги отфрли тврдењата дека потезите на Рим биле непотребни затоа што веројатноста некој од Сеута да стигне до Италија е многу мали, нагласувајќи дека Италија е „најизложената земја“ за наплив на мигранти.
„Се надеваме дека наскоро ќе можеме да ја укинеме проверките, штом ќе помине опасноста“, рече Тијани.




