
Времето на чекање на некои од најголемите аеродроми во Европа се зголеми двојно во текот на ова лето, како резултат на воведувањето на новиот систем за електронска евиденција за влез и излаез на премините на надворешните граници на ЕУ, наведува „Фајненшл тајмс“.
На аеродромот во Франкфурт максималното време на чекање во јули достигна 120 минути, во споредба со ланските 60 минути. Во Минхен најдолгото чекање се зголеми од 31 на 60 минути, а во Амстердам од 80 на 120 минути, покажуваат податоците од аналитичката фирма „Кјусензор“.
Новиот систем за влез и излез на ЕУ (ЕЕС), чија целосна имплементација започна во април годинава, предвидува патниците од земји кои не се членки на ЕУ да мора да се регистрираат со земање отпечатоци од прстите, фотографирање и внесување лични податоци при првиот влез или излез од Шенген зоната.
Секторите за патување и воздухопловство претходно предупредија дека новиот систем може да предизвика големи доцнења, бидејќи аеродромите нема да можат доволно брзо да ги обработуваат патниците.
Аеродромот во Франкфурт соопшти дека новите гранични контроли довеле до доцнења и други прекини.
„Со зголемувањето на времето на чекање, гледаме силно зголемување на загриженоста кај британските и северноамериканските туристи за тоа колку долго ќе треба да чекаат во ред“, изјави основачот на „Кјусензор“, Оливер Максфилд.
Главниот извршен директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, остро го критикуваше EEС, велејќи дека пријавувањето треба да се врши преку интернет.

„Само Европејците би измислиле ваков вид глупости“, изјави тој минатиот месец, додавајќи дека „Рајанер“ забележал сериозен метеж на околу 15 аеродроми.
Според Брисел, EEС има за цел да ја зголеми безбедноста на надворешните граници на ЕУ преку следење на влезовите и излезите, откривање на лица кои го пречекориле дозволениот престој и помагање во следењето на лицата што ги бараат властите. Сепак, неговото воведување е предизвика доцнења, технички проблеми и потешкотии со опремата.
Податоците од Минхен покажуваат дека подолгите чекања биле главно за патници кои се подложуваат на рачни проверки. Автоматизираните ленти главно ги користат граѓаните на ЕУ, кои не мора да се регистрираат во EEС.
Затоа, многу аеродроми привремено ги суспендираа некои проверки, како што е земањето отпечатоци од прсти, во шпиц периодот.
Ваквата можност треба да е во сила до септември, но осум земји членки на ЕУ и Швајцарија побараа од Европската комисија да ја продолжи. Комисијата во моментов разговара со земјите членки за можноста за продолжување на овие исклучоци.
Европската комисија вели дека просечната регистрација во системот EEС трае околу 70 секунди и тврди дека во повеќето случаи влијанието врз патниците кои не се од ЕУ е ограничено. Исто така, ги истакнува и безбедносните придобивки од системот, кој има регистрирано 160 милиони пристигнувања и заминувања од неговото лансирање.
Главниот извршен директор на „Бритиш ервејс“, Шон Дојл, рече дека системот предизвикал проблеми на некои аеродроми, но немал значително влијание врз целокупното работење на компанијата.
Главниот извршен директор на „ИзиЏет“, Кентон Џарвис, ги повика аеродромите кои не ги користат исклучоците да покажат „здрав разум“. „Не дозволувајте луѓето да стојат таму три часа“, рече Џарвис.




