дома Македонија Шпанскиот тенор Хозе Карерас доаѓа во Скопје за јубилејот 35 години независност

Шпанскиот тенор Хозе Карерас доаѓа во Скопје за јубилејот 35 години независност

Покрај Дејвид Гета, дел од прославата за 35 години независност ќе биде и шпанскиот тенор Хозе Карерас. Тој заедно со македонските музички ѕвезди ќе настапи на 1 септември на плоштадот Македонија.

Концептот на концертот ќе биде таков што прво ќе настапат македонските изведувачи со по неколку песни, а потоа Хосе Карерас.

Ќе настапат Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Игор Дурловски и Ана Дурловски. Целиот концерт ќе го придружува оркестарот на Филхармонијата. Поканети биле и Владо Јаневски и Симон Трпчески, но морале да откажат поради претходно договорени обврски.

– Со мојот пријател и долгогодишен соработник Николче Мицевски две години разговараме за овој проект и време е сега да се реализира. Концептот на концертот е таков што прво ќе настапат македонските изведувачи со по неколку песни, па после тоа Хосе Карерас. Ќе има и многу изненадувања таа вечер, кои нема да бидат соопштени сега, изјави Бобан Милошески од „Авалон продукција“.

Портпаролката на Владата Марија Митева рече дека Владата се подготвува за сериозно и достоинствено одбележување на овој голем јубилеј за државата.

– Како Влада покажуваме дека навистина сакаме граѓаните да уживаат и достоинствено заедно со музичките великани да покажеме дека Македонија има капацитет да организира настани за меѓународни ѕвезди, рече Митева.

Аранжманите на песните ги подготвува Николче Мицевски, а на концертот на 1 септември ќе диригира шпанецот Давид Хименес Карерас.

 

 

ПредходнаФилипче со предлог до Владата: Распишете референдум за ЕУ
СледнаДо 1 јуни проверка на годишните даночни пријави за остварени приходи во 2025