Знаев на што доаѓам, зошто сум избран и дека мора да се работи во интерес на граѓаните, мора да направиме функционален и независен одржлив систем за градот, најави синоќа во Win-win скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
По инцидентот со пропаѓањето на тротоарот на булеварот „Теодосиј Гологанов“, градоначалникот на Скопје најави иницијатива за законски измени со кои би се зајакнал надзорот над градилиштата и би се подобрила безбедноста во градот.
Тој оцени дека постојниот систем не овозможува ефикасна контрола, посочувајќи дека градот нема сопствена градежна инспекција, а општините располагаат со ограничени кадровски ресурси.
„Како претседател на ЗЕЛС, во четврток ќе побарам законски измени од Министерството за транспорт. Проблемот е што градот Скопје нема градежна инспекција, а општина Центар имала само еден инспектор кој бил на боледување“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој предлага инспекцискиот надзор да биде централизирано организиран на ниво на Град Скопје.
„Сакам централизација на инспекцијата во градот Скопје каде ќе има над 20 инспектори, видео мониторинг и задолжителен депозит од градежниците“, рече Ѓорѓиевски.
Според него, воведувањето видео надзор на градилиштата и депозит, гаранциски фондови од инвеститорите би овозможило побрзо утврдување на одговорноста и покривање на евентуалните штети предизвикани од градежните активности.
Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Скопје, најави дека наскро ќе бидат поставени и 2.600 нови контејрнери и порача дека приоритет во неговиот мандат е воспоставување функционален систем во градот и подобрување на комуналните услуги.НАјавува дигитализација на услугите за побрзо собирање на данокот и брза он лајн услуга за граѓаните.
Тој посочи дека Скопје со години се соочува со сериозни инфраструктурни и организациски проблеми и додаде дека негова цел е да се изгради систем што ќе обезбеди редовно функционирање на градските услуги.
Тој во емисија на ТВ Телма посочи дека уште пред да ја преземе функцијата бил свесен за финансиската состојба на градот, за загубите во водоводната мрежа и за недостатоците на инфраструктурата.
Според него, целта е да се изгради систем кој нема да зависи од политичките околности и ќе обезбеди редовно функционирање на градските услуги.
– Нешто што недостасува долги години во Скопје е да се изгради систем кој нема да зависи од милоста на централната власт. Досега немавме систем и сега го градиме – посочи Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски оцени дека состојбата со одржувањето на јавните површини, зеленилото и комуналната хигиена е подобрена во споредба со претходниот период и најави продолжување на инвестициите во механизација и опрема за градските служби.




