Дванаесетмината приведени за финансиски малверзации во ФФМ денеска треба да бидат сослушани по што судот ќе одлучи какви мерки ќе донесе.
Со акцијата за проневера и перење пари во ФФМ, што вчера ја спроведе Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, осомничени се 18 лица, а од нив 12 се приведени. Петмина се во бегство.

За 10 осомничени, јавниот обвинител бара притвор, додека за седуммина мерки на претпазливост.
Меѓу осомничените се и двајца поранешни претседатели на ФФМ – Илчо Ѓорѓиоски и Мухамед Сејдини кој веќе е во притвор за друг судски предмет, тројца вработени во ФФМ, осум фирми и управители, сопственици и овластени лица на фирмите. Финансиските малверзации, според обвинителството, се направени во периодот 2015-2019 година.
– Постапувајќи спротивно на член 92 од Статутот на ФФМ и член 6 од Правилникот за организација на ФФМ, како и непреземајќи мерки за спречување на незаконито користење на средствата, тие предизвикале штета на Фудбалската федерација на Македонија во вкупен износ од 180.802.365 денари, информираше Обвинителството.
Вчерашната акција е спроведена по претходно поднесена кривична пријава.




