Организираната криминална група ВМРО гордо соопшти дека завршиле првичните разговори за реконструкција на Владата. Исто како да го реконструираат Титаник, а не Влада. Рокот истекол, резултатот го знаеме. По долги и „конструктивни“ разговори, дојдоа до епохално откритие: ќе сменат неколку министри или ќе направат рокади на ресори. За да оваа Влада доживее вистинска реконструкција, прво би требало да го реконструираат премиерот.
Затоа што токму тој ја води Владата, исто како што ја води и партијата. Значи – фан-клуб. Како во партијата, така и во Владата, соопштија денеска од опозицискиот СДСМ по најавите на премиерот Христијан Мицкоски дека ќе има реконструкција на Владата.
„Реконструкцијата ќе донесе „повеќе одговорност, ефикасност и резултати“. Што во превод значи: ќе ги сменат оние што веќе не можат да се бранат и ќе доведат нови кои уште не се истрошени. ЗНАМ, здружението кое повеќе не постои, сега треба да предложи „нови“ лица. Прашањето е само дали ќе биде Максо, или ќе го рециклираат некој стар што веќе го видовме во друга улога. Целта на целата операција е јасна: да се продаде илузијата дека нешто се менува, додека тендер коалицијата продолжува да функционира како и досега. Нова амбалажа, ист производ со поминат рок“, посочуваат од СДСМ.
Додека тие се занимаваат со преуредување на фотелји, додаваат оттаму, граѓаните се занимаваат со тоа како да стигнат до крајот на месецот.
Но, според Владата, тоа е „личен проблем“ на граѓаните, а не државен. На крајот, сè ќе биде како и досега – само со нови имиња и нови изјави за „историски момент“. А граѓаните ќе продолжат да чекаат Влада која работи за нив, а не за себе“, порачаа од најголемата опозициска партија.
Во однос на најавената реконструкција на Владата, премиерот денеска оцени дека првичните разговори во рамки на коалицијата се конструктивни и најави дека неделава тие ќе продолжат, а очекува во текот на викендот и да завршат.
-Во првите разговори преовладува конструктивен амбиент. Во текот на оваа недела повторно ќе имаме средби, јас очекувам тоа да бидат завршни, а во текот на викендот да се формализира сето тоа и со имиња, и со останати специфики – изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање по учеството на Годишниот состанок на Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите – ЦЕФ (2026 Annual Meeting of the CEF Governing Board).
Тој додаде дека во рамки на разговорите станало забор и за опција за промена на ресори.




