Младата балетска уметница Виола Имери, победничка на првото издание на националната награда „Роксан Стојанов“, од 3 до 12 јули 2026 година ќе престојува во Париз, заедно со нејзината менторка Дафина Данилоска Кочевска.
Патувањето, престојот и професионалната програма се организирани од Интерарт културниот центар, Францускиот институт и Амбасадата на Франција во Скопје, со поддршка на Амбасадата на Република Северна Македонија во Париз, Божиновски часовници и Фондација Божиновски.
Овој престој е дел од наградата „Роксан Стојанов“, востановена со цел да им овозможи на младите балетски и танцови уметници реална професионална поддршка, меѓународно искуство и директен контакт со врвни уметници и институции.

Награда под покровителство на претседателката
Првото издание на натпреварот се одржа на 18 април 2026 година, на сцената на Македонскиот народен театар, во рамки на отворањето на 22. издание на Танц Фест Скопје.
Натпреварот и наградата „Роксан Стојанов“ се одржуваат под покровителство на претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова.
На натпреварот настапија пет финалисти, избрани од вкупно 13 учесници: Антонија Атанасова, Виола Имери, Јана Кепевска, Мила Николова и Теа Серафимов.
Жири-комисијата беше составена од Роксан Стојанов, ѕвезда на Париската опера, Антонио Конфорти, солист на Париската опера, Сандра Мијалкова, примабалерина на Националната опера и балет, Кристоф ле Риголер, амбасадор на Франција, и проф. д-р Рисима Рисимкин, кореографка и уметнички директор на натпреварот.
Првото место ѝ беше доделено на Виола Имери, второто место на Антонија Атанасова, а третото место на Јана Кепеска.

Стипендии и за второ и третонаградената
Антонија Атанасова и Јана Кепеска, како второ и третонаградени учеснички, добија дипломи и стипендии за учество на СИД кампот, кој ќе се одржи од 17 до 23 август 2026 година во Скопје.
Со тоа, наградата продолжува да отвора можности и за поширока група млади танцови уметници.





