Поранешната обвинителка Ленче Ристоска контра државниот јавен обвинител. Не е точно тврдењето на државниот обвинител Савески дека предметот „Талир 2″ ќе беше во мое надлежно постапување доколку не поднесов оставка, вели Ристоска во објава на Фејсбук.
– Како обвинител за врски, согласно член 5 од Правилникот за предлагање и упатување на јавен обвинител за врски на Република Северна Македонија во Европравда, по правило можев да постапувам по предмети регистрирани и во надлежност на Канцеларијата за врски, а по исклучок, врз основа на одлука на државниот јавен обвинител, и по предмети по кои претходно сум постапувала. Предметот „Талир 2″ не е предмет во надлежност на Канцеларијата за врски — во него постапував токму по тој исклучок, врз основа на одлука на државниот јавен обвинител. Со повлекувањето на тоа овластување отпадна и правниот основ по кој постапував во овој предмет, појаснува Ристоска.
Оваа информација, вели Ристоска, му беше соопштена на обвинителот Савески лично од мене, на состанок пред да ја поднесам оставката.
– Лично го известив и дека доколку ги повлече овластувањата по предметите по кои постапувам, ќе следи мојата оставка, а ги објаснив и причините за таквата одлука. Така што, неспорно е дека мојата оставка беше моја одлука — но таа, меѓу другото, беше последица на одземањето на основот да ги работам предметите, нагласува Ристоска.




