Политичката партија Левица укажува на случај за објавен оглас во Министерството за култура во период на летни одмори за кој рокот на пријавување е само три дена. Министерството бара двајца советници – советник за правни работи, место за кое се бара само една година работно искуство и советник за култура за кое се бара лице со завршен економски факултет.

– Министерството, кое и без тоа располага со 17 државни советници, највисокиот ранг во администрацијата, сега има потреба и од дополнителни кабинетски советници со основна нето-плата од 60.000 денари. За советник за правни работи се бара само една година работно искуство, додека за „советник за култура“ не се бара образование од областа на културата, уметноста или културниот менаџмент, туку диплома по економија, поточно од областа на меѓународните економски односи, реагира Левица.
Сосема оправдано се поставува прашањето зошто рокот за пријавување е само три дена и зошто ваквите огласи упорно се објавуваат во период на летни и колективни одмори, кога голем дел од потенцијалните кандидати се надвор од работните места и институциите. Особено е симптоматично што за „советник за култура“ не се бара никаква стручна квалификација од областа на културата. Останува впечатокот дека огласот не е објавен за да се пронајде најквалификуваниот кандидат, туку за да се задоволи формата на една веќе однапред утврдена кадровска одлука, велат од Левица.
– Што точно ќе советува економист за меѓународни економски односи во Кабинетот на министерот за култура – за културните политики, музеите, театрите, музиката, современата уметност, издаваштвото? Или можеби називот „советник за култура“ е само формалност, додека стручниот профил на кандидатот е однапред замислен?, прашува Левица




