Мој личен став – вака претседателот на Собранието ја образложува реакцијата што ја напиша на социјалните мрежи по објавувањето на пресудата за четворицата поранешни водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК).
Во изјава дадена денеска, Гаши рече дека во објавата никаде не се повикал на Собранието како институција чиј претседател е.
Очекувам и вие новинарите, и граѓаните да сфатат дека личноста Африм Гаши не може да биде 24 часа, и од политички аспект, само претседател на Собранието. И затоа свесен дека не го кажувам тоа од позиција на претседател на Собранието, тоа беше мој личен став од моето политичко минато и затоа беше јасно дека никаде не се повикав на Собранието или на институцијата. Затоа би сакал и вие и граѓаните да разберат дека тоа е мој личен став и не треба да се меша со функцијата која ја извршувам, рече Гаши.
На 16 септември откако Специјализираниот совет ги изрече пресудите за поранешните водачи на ОВК – Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими, во објава на Фејсбук, Гаши напиша дека тие припаѓаат на славно поглавје во историјата на Косово.

