Уредувањето и користењето на охридските плажи кои се под надлежност на Општина Охрид, им носи на општината и на јавното претпријатие „Охридски комуналец“ вкупен годишен приход од околу 700.000 евра, а тие пари одиграле клучна улога во финансиската консолидација на градот, изјави градоначалникот Кирил Пецаков во интервју за „Скопје1“.

Тој вели дека во моментов не станува збор за класични концесии за плажите, туку за систем на закуп на простор за поставување урбана опрема. Овој начин на управување, според Пецаков, создава приход што преку општината и јавното претпријатие повторно се вложува во градот.
„Не е класична концесија, туку секој плаќа за користење на плажата. Општина Охрид, заедно со обврските што ги имаат кон ЈП ‘Охридски комуналец’, на годишно ниво има приближно 700.000 евра приход“, рече Пецаков.
Општината со дел од овие приходи враќала долгови кои ги имал градот, а организираното уредување на плажите следело откако тие претходно биле затворени, посочувајќи дека тоа бил свесен чекор со јасна цел: финансиско закрепнување.




