
Противпожарните тимови сè уште можат да го стават по контрола пожарот што од петокот бесне во паркот на природата Хохе Венен (Високи Мочуришта) во источна Белгија, близу границата со Германија, кој уништи над 3.600 хектари површина, јавија белгиските медиуми.
Според јавниот радиодифузен сервис ВРТ, гаснењето го отежнува фактот што некои области зафатени од пожарот се непристапни, особено во североисточниот дел на паркот, поради што од клучна важност се интервенциите од воздух. Службите за итни случаи се надеваат дека пожарот ќе биде ставен под контрола „денеска, утре или в среда“.

Командантот на холандскиот противпожарен тим кој пристигна за да им помогне на своите белгиски колеги, Ришард Крај изјави дека сепак денеска состојбата е подобра.
Ширењето на огнот беше успорено од дождот кој заврна утрово, но сепак тој не беше доволен за да се изгаси пожарот.
„Пожарот беснее не само над земјата, туку и под земја. Затоа се потребни многу дожд или вода за гаснење. Добро е што повеќе нема села или луѓе кои се директно загрозени. Синоќа, околу десет луѓе сè уште мораа да ги напуштат своите домови, но за среќа, пожарот не стигна до нив“, јави ВРТ.
Гаснењето на огност од страна на противпожарните тимови го отежнуваат и паднати дрвја на патиштата и оштетени патеки.

Фронтот на пожар што напредува кон југоисток, кон германската граница, е ставен под контрола во зоните кои се достапни за противпожарната служба.
Според претседателот на Кралската федерација на противпожарните служби на Белгија, Марк Гилберт, белгиските пожарникари нема доволно финансиски ресурси за борба против големи пожари, како сегашниот во Хохе Венен.
Тој, меѓу другото, предлага воспоставување на европска флота од противпожарни авиони. „Двата хеликоптери на белгиската полиција се многу добри, но не се доволни. Мораме брзо да дејствуваме“, изјави Гилберт.

Тој тврди и дека по четири дена интензивно гаснење на пожарот пожарникарите почнуваат да чувствуваат замор.
„Кога се борите толку долго, закрепнувањето е многу тешко, ако не и невозможно“, додава Гилберт.
Според властите, од почетокот на годината па досега, во Белгија се регистрирани 234 пожари, кој број е повеќе од двојно поголем отколку во цела целата 2025 година.




