
Шведскиот металуршки синдикат ИФ Метал соопшти дека го прекинува повеќегодишниот штрајк против подружницата на американскиот производител на електрични возила „Тесла“ во Шведска. По 1.021 дена меѓусебно исцрпувачка битка околу колективниот договор, компанијата на најбогатиот човек во светот, Илон Маск, излезе како победник.
Според шведските медиуми, „Тесла“ прибегнала кон необично, но многу ефикасно решение за проблемот. Компанијата им понудила на членовите на синдикатот 18 месечни плати за да ги раскинат договорите за вработување. Се проценува дека секој од 80-те преостанати штрајкувачи добил по околу 640.000 шведски круни или 58.000 евра, за да ја напушти компанијата.
„Нема штрајк без работници кои штрајкуваат. Фактот дека не добивме колективен договор е неуспех, но мисијата на синдикатот е да води вакви битки. Не жалиме за ништо, синдикалното движење мора да се осмели да се бори против вакви акции“, изјави функционерката на ИФ Метал, Вели-Пека Саикала за весникот „Дагенс Нихетер“.
Колективните договори како основа на шведскиот пазар на трудот
Конфликтот се водеше околу прашањето за колективните договори, чие склучување е вообичаена деловна практика во Шведска и еден од темелите на моделот на пазарот на трудот во земјата. Шведска нема систем во кој државата ги одредува сите услови за работа со закон. На пример, не постои законска минимална плата, но повеќето услови за работа ги регулираат синдикатите и работодавачите преку колективни договори.
Дури 88 проценти од сите вработени во Шведска се заштитени со колективни договори. Сепак, важно е да се додаде дека колективните договори не се правно обврзувачки за приватните компании.
Штрајкот во шведската подржужница на „Тесла“ започна на 27 октомври 2023 година, откако компанијата одби да преговара со ИФ Метал за колективен договор за своите 350 вработени.

Според шведската државна агенција за медијација на пазарот на трудот, која работеше на помирување на компанијата и синдикатот во текот на целиот конфликт, „Тесла“ не се согласила да склучува колективни договори никаде во светот. Ова наводно било упатство на самиот извршен директор Илон Маск, кој не бил заинтересиран за нормите и обичаите на шведскиот пазар на трудот.
„Бидејќи членството во синдикатот е доброволно, веруваме дека ги исполнуваме сите главни точки на шведскиот модел на вработување. Вработените во „Тесла“ во Шведска ги имаат сите услови за работа предвидени во шведскиот закон“, наведе Марија Ланц, раководителка на комуникациите во „Тесла Моторс Шведска“ во соопштение за медиумите, додавајќи дека работниците веќе ги имаат условите што колективниот договор би им ги гарантирал.
Обид за блокирање на работењето на „Тесла“ во Шведска
Во штрајкот се вклучија најмногу 80 од вработените во „Тесла“ во Шведска. Тие беа претежно механичари. Како еден од најмоќните и најбогати европски синдикати, ИФ Метал им исплаќаше плати во текот на целиот штрајк, но под услов да протестираат пред канцелариите на Тесла 40 часа неделно.
На самиот почеток на штрајкот, синдикалните лидери се фалеа дека имаат околу милијарда евра во своите средства. Тие успеаја да ја добијат поддршката и од 14 други синдикати во Шведска и во три соседни земји. За време на штрајкот во канцелариите, бензинските станици и изложбените салони на „Тесла“ беа запрени доставата на пошта, собирањето смет, чистењето на работните површини, поврзувањето на полначите со електричната мрежа и истоварувањето на автомобилите во пристаништата.
Сепак, „Тесла“ успешно и вешто го заобиколи сето ова и најчесто работеше без поголеми тешкотии. Секогаш кога беше потребно, ги заменуваше штрајкувачите со свој персонал од други европски земји, главно од Белгија, Данска, Финска, Шпанија и Велика Британија.
Шведскиот министер за труд Јохан Бриц за Шведското државно радиоизјави дека спорот меѓу ИФ Метал и „Тесла“ е уникатен и според времетраењето и според исходот, односно, спротивно на очекувањата, не е потпишан колективен договор. Иако од него се очекуваше да биде неутрален, Бриц додаде дека би било „жално“ ако и други шведски работодавци прибегнат кон стратегијата на „Тесла“.
Спорот не влијаеше значително на продажбата

Иако јавноста беше претежно на страната на синдикатот (анкета на „Свенска Дагбладет“ од декември 2023 година покажа дека 58 проценти од граѓаните го поддржуваат ИФ Метал, а само 20 проценти „Тесла“), интересно е што продажбата на возилата на „Тесла“ во Шведска не страдаше нешто пособено поради спорот.
Од почетокот на штрајкот, регистрирани се околу 38.000 нови возила „Тесла“, а продажбата флуктуира во согласност со општите трендови на европскиот пазар. Се чини дека политичката вмешаност на Елон Маск, односно неговата поддршка за американскиот претседател Доналд Трамп, имаше поголемо влијание врз брендот „Тесла“ во Шведска.
Победата на Елон Маск доаѓа со висока цена
„„Тесла“ исплати вкупно околу шест милиони евра отпремнина или околу 58.000 евра по вработен. Ова се износите што се вообичаени за извршните директори, а не за механичарите во работилниците. Никогаш не сум слушнал за нешто слично“, изјави за „Свенска Дагбладет“ Герман Бендер, шведски истражувач на пазарот на трудот и експерт за индустриски односи, кој напиша книга за конфликтот меѓу „Тесла“ и ИФ Метал.
Според неговите пресметки, штрајкот директно ја чинел „Тесла“ повеќе од 10 милиони евра, додека синдикалните трошоци за штрајкот биле околу шест милиони евра. Компанијата успеала да победи, верува Бендер, благодарение на своите речиси неисцрпни ресурси, антисиндикалните верувања на Елон Маск и фактот дека возилата на „Тесла“ не се произведуваат во Шведска.
„Глобалните компании кои се подготвени да сносат значителни финансиски и репутациски трошоци и штети можат сериозно да ги предизвикаат шведските синдикати“, заклучи Бендер.




