Владата има 15 национални координатори, а меѓу нив има и за демографија, за медиуми, па и дуплирања како на пример координатор за туризам и координатор за развој и промоција на туристичката дејност, објави Телма.
Најновите две засилувања на листата се доскорешните министри за култура Зоран Љутков кој е национален координатор за култура и Шабан Салиу кој е назначен за координатор за Стратегијата за инклузивност на Ромите, кој покрај на работа и натаму ќе оди на рочиштата како обвинет за трагедијата во кочански „Пулс“.
Од Владата велат дека националните координатори се бираат согласно Закон за влада и владината програма.
„Националните координатори се именувани согласно Законот за Влада и се согласно приоритетните области што ги има дефинирано Владата во делот на образование, здравство, демографија и млади, локална самоуправа, туризам, медиуми, а во согласност со приоритетите дефинирани во Програмата. Дел од координаторите се и дефинирани согласно одделни материјални закони, како во делот на здравството и медијацијата. Согласно областа вршат координација, ја унапредуваат соработката помеѓу засегнати страни, ја претставуваат Владата на највисоко ниво во делот на областа што ја покриваат, обезбедуваат и меѓуинституционална соработка, предлагаат мерки и активности за ефикасна реализација на националните стратегии“, се наведува во одговорот на Владата до Телма.

