Во организација на Стрип центарот на Македонија – Велес во Куќата на Касапови во стариот стрмен дел на Велес во тек е работата на 8. Меѓународна стрип колонија „Велес 2026“ која трае до недела 23 август, насловена и како Женска колонија бидејќи годинава на неа работат исклучиво авторки, вкупно се 14 од пет балкански земји – Бугарија, Романија, Србија, Хрватска и Македонија, под менторство на професорот Владимир Весовиќ од Белград Србија кој и во изминатите години беше ментор на колонијата.
Тоа се авторките: Силвиа Борбељ – Романија Андрада Ваеш – Романија, Ирис Голгочиу – Романија, Ана Цочева – Бугарија, Велислава Стојанова Георгиева – Бугарија, Драгана Купрешанин – Србија, Маја Перак – Хрватска, а од Македонија се Меланија Стојанова, Сибел Исмаилова, Елена Апостоловска, Ања Стојадиновска, Славица Купенкова, Ана Ивева и Стефанија Атанасова.
Оваа традиционална манифестација се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам и Општина Велес
Како што информира Томе Трајков од СЦМ-Велес кој е еден од организаторите, оваа меѓународна колонија уште еднаш го потврдува Велес како регионална престолнина на стрипот.
Тој ги повика сите љубители на стрипот до недела претпладне да ја посетат Куќата на Касапови или „Куќата на уметноста“ и да се запознаат со творештвото на младите стрип авторки.
.
Инаку утрово на стрип колонијата се претставија учесничките од Бугарија, Ана Цочева и Велислава Георгиева Стојанова, а вечерва по17 часот ќе се претстават и македонските авторки Славица Купенкова, Ања Стојадиновска и Елена Апостоловска.
Утре претпладне повторно ќе се претстават македонските стрип авторки, а утре попладне и трите романски авторки.
Ана Цочева од Бугарија ја направи насловната страница за каталогот на годинашната колонија, а Силвија Борбели од Романија последната страница.

