Тежок пожар избувнал рано утрово во близина на прилепското село Бонче каде поради силниот ветер огнот се доближил до првите куќи во селото. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов во утринската изјава вели дека ситуацијата била исклучително сериозна.
Селото има 50 до 60 куќи распоредени по ридовите со висока вегетација.
Ветерот како на филм ги префрли пламените јазли кон селото Бонче, Прилепско, во долот. Благодарение на храбрите пожарникари, селото беше спасено, дури јас бев песимист дека ќе успееме во таа намера, изјави утрово Ангелов.
Огнената линија била долга, а теренот тежок поради ридовите и високата вегетација.
Покрај пожарникарите од Прилеп, интервенирале и пожарникари од Кавадарци и доброволци од Битола.
Сериозна е состојбата и над селото Палиград во општина Студеничани. Пожарот избувна вчера попладне, а таму веќе делуваат ер тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување.


