Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски најавува дека наскоро ќе бидат потпишани нови билатерални договори со земји членки на Шенген зоната со цел да им се олесни престојот на транспортерите во Шенген зоната.
Николоски во изјава денеска рече се преземаат активности за изнаоѓање на решенија преку билатерални договори.
Имаме целосно разбирање за транспортерите и се обидуваме во рамки на нашите можности да помогнеме и да изнајдеме решенија. Се работи за правила во Шенген зоната, а она што ние можеме да го направиме е да потпишуваме билатерални договори со земјите членки на Шенген зоната. Тоа веќе го правиме и веќе постигнавме договор со неколку земји, а во следниот период интензивно ќе работиме и на договор со други земји, изјави Николоски.
Во текот на септември, според зборовите на Николоски, е најавена средба на високо ниво со австриската влада, а во текот на октомври со словенечката влада.
Гледаме генерално да ги покриеме рутите каде што традиционално македонските транспортери најчесто одат. Со Швајцарија веќе има договор, со Хрватска има договор, со Романија има договор. Како што кажав, следни за разговор се Австрија и Словенија, и исто така работиме и со Германија“, истакна Николоски.
Македонските транспортери заедно со колегите од Западен Балкан бараат решение за престојот на транспортерите во Шенген зоната откако е воведено правилото 90/180.

