Лидерот на СДСМ Венко Филипче денеска го повтори ставот на партијата дека се подготвени за избори ако се одржат и утре, но дека нема да бидат алиби на Христијан Мицкоски. Вели дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ имаат двотретинско мнозинство и можат кога сакаат да распишат избори.
За избори сме спремни кога и да бидат, ама нема да бидеме алиби. Христијан Мицкоски има две третини во Собранието, апсолутна власт. Може да распише избори кога сака. Зошто му е СДСМ сега? Не навлегуваме во таа игранка. Човекот ќе распише избори кога повеќе нема да има пари, а пари снемуваат сè повеќе и повеќе, потенцира Филипче.
За обединувањето со Левица рече дека Левица е добредојдена во Фронтот за вистина и правда само доколку се откаже од проруските позиции и јасно потврди дека НАТО е добро за земјата и дека е за членство во Европската Унија.
Нека се откажат, нека кажат дека НАТО е добро за земјата и дека се за Европската Унија, затоа што Европа и проевропските политики, патот напред кон Европа, е тоа што е главен постулат на нашиот Фронт за вистина и правда, рече Филипче.
Обединувањето на опозицијата, според Филипче, може да се гради само врз јасно дефинирани политики и вредности.

