Политичките партии Левица и Демократската обнова за Македонија го креваат гласот против иницијативата за изградба на дата центар на локации во Панчарево. Бараат да се стопира постапката и советниците во Пехчево да гласаат против ваквата одлука.
Недозволиво е за проект со потенцијално сериозно влијание врз водата, енергијата, природата и локалната заедница да се одлучува зад затворени врати, без доволно информации, јасни анализи и вклученост на експертите граѓаните. Како што истакнавме во неколку наврати, дигиталниот развој не смее да биде изговор за нетранспарентност и игнорирање на јавниот интерес, велат од ДОМ.
Одлуките за вакви проекти, според ДОМ, мора да се носат транспарентно, одговорно и заедно со граѓаните, а никако зад затворени врати.
Реагираа и од Левица. И тие укажуваат на нетранспарентноста на целиот процес.
За ваков објект, кој потенцијално може да биде огромен потрошувач на електрична енергија и вода, јавноста не знае речиси ништо: нема објавен инвеститор, нема податок за потрошувачката на струја, нема податок за потрошувачката на вода, нема информација за потребната инфраструктура, нема анализа за економската корист, нема јавна расправа. И покрај тоа, советниците треба да гласаат. Па се поставува прашањето: кој толку брза да ја распродаде иднината на Пехчево?, прашува Левица.
Одлуката, велат од Левица, е во рацете на советниците од ДПМНЕ, ЗНАМ и СДСМ и градоначалникот Александар Китански од ВМРО-ДПМНЕ, под чие раководство, според партијата, се турка оваа иницијатива.
Особено лицемерно е што токму градоначалникот пред изборите ветуваше „чиста и енергетски ефикасна општина“. Китански тогаш зборуваше за чистиот воздух, реките и природата на Пехчево како вредности на општината и ветуваше дека ќе работи за енергетски ефикасно Пехчево. Денес, под негово раководство, се отвора пат за објект чија основна функција ќе биде континуирано трошење огромни количества електрична енергија. Од енергетски ефикасна општина до енергетска база за дата-центар – тоа ли е „сигурната иднина“ што ДПМНЕ му ја вети на Пехчево?, велат од Левица.

