Во летното кино на Синеплекс вечерва ќе бидат одбележани 10 години од светската премиера на филмот „Џган“ по сценарио и во режија на Вардан Тозија кога филмот за првпат беше прикажан на најстариот филмски фестивал во Чикаго (Chicago International film festival).
По проекцијата закажана во 20:30 часот, ќе биде организирана интерактивна сесија разговори со филмската екипа на „Џган“ и публиката.
Во пресрет на јубилејот, режисерот и сценарист Вардан Тозија ќе каже – „Џган настана како крик на очај и гнев — од времето во кое живееме, од мрачните настани и луѓето, кои ги дефинираа нашите животи… и, пред сè, од нашиот кукавички молк да смениме нешто низ сите тие раздобја, па сè до денес. Во филмот, тој молк го прекинуваат токму најранливите — „пацовите“ фрлени на маргините, кои му возвраќаат на системот на единствениот начин што го знаат.
Приказната на филмот следи низа свирепи околности, кои тивкото и повлечено момче го претвораат во суров и бескомпромисен водач на група отфрлени штитеници од Домот за деца без родители. Заедно, тие тргнуваат во слепа одмазда кон светот, зад ѕидовите на Домот, кој им нанел само болка и страдање. Свет, во кој за нив постои само едно заедничко име – „Џган“.
Македонски продуцент на филмот е Дрим Фектори, ко-продуцент е Red helicopter films од Албанија. Филмот беше финансиски поддржан и од Агенцијата за филм на Р.С. Македонија и SEE Cinema network.
Главните улоги ги толкуваат Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула и Никола Ристановски. И актерите Сара Климоска, Љупчо Тодоровски, Адем Карага, Горан Стојановски, Игор Стојчевски, Борис Дамовски, Марија Кондовска, Ристо Буразденов, Мартин Живковски…

