По повод 10 години од канонизацијата на Мајка Тереза, од денес до 5 септември во Скопје ќе се одржи манифестацијата „Денови на Света Мајка Тереза“ со духовна, културна и хуманитарна програма.
Отворањето е закажано за вечерва кај Порта Македонија каде ќе се обрати монсињор д-р Киро Стојанов од Католичката црква во Скопје, а Љерка Тот Наумова ќе ги претстави најважните моменти од животот на светицата.
Програмата ќе продолжи на 31 август во капелата на Спомен-куќата на Мајка Тереза, со почеток во 19:30 часот. Предвиден е настап на Серафина Фантауза со „Ave Maria“ од Шуберт, читање избрани цитати од Мајка Тереза на македонски и англиски јазик од Еленора Николовска, како и молитвен дел со Мисионерките на Љубовта од Скопје.
На 1 септември, во Домот на култура „Кочо Рацин“, со почеток во 19:30 часот, ќе се одржи поетска вечер со песни посветени на Мајка Тереза, а ќе настапат Еленора Николовска, Оливера Јовановска, Делвина Крлуку, Виолета Ачкоска, Благојка Филипчева и Љерка Тот Наумова. Во музичкиот дел ќе настапат Јулија Нелковска на виолина и Филип Костов на гитара. Во рамки на вечерта ќе биде поставена и продажна изложба на уметнички дела од македонски академски сликари, подарени на Католичката црква, а приходот ќе биде наменет за сиромашните лица, штитеници на Македонски Каритас.
На 3 септември, во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, во 19:30 часот, ќе се одржи концерт на Мандолинскиот оркестар „Скопје“ во чест на Мајка Тереза, под диригентство на Ерхан Шукри, а следниот ден монсињор д-р Киро Стојанов и избрана делегација ќе посетат ранливи семејства и ќе им подарат пакети со храна и хигиенски производи. Истиот ден во 18:00 часот, во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, монсињор Стојанов ќе ја предводи светата литургија.
Манифестацијата ќе заврши во сабота, 5 септември, со понтификална света литургија во 18:00 часот во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје.
Со оваа манифестација Скопје, родниот град на света Мајка Тереза, ќе оддаде почит на нејзиниот живот, кој беше исполнет со милосрдие и љубов кон сиромашните.

