Апелациониот суд Скопје ја потврди ослободителната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски за случајот „Талир“. Одлуката е донесена денеска на седница на која е одбиена жалбата на Основното јавно обвинителство како неоснована и потврдена е пресудата на Кривичниот суд.
При постапувањето и одлучувањето, Судот оцени дека преземените дејствија од страна на обвинетиот Н.Г. од С., како одговорно лице во правното лице, се во рамките на неговите овластувања и не се изведени докази од страна на Основното јавно обвинителство Скопје дека постапувањето на обвинетиот е спротивно на Законот за финансирање на политичките партии. Во текот на постапката Основното јавно обвинителство Скопје, како овластен тужител, не докажал надвор од разумно сомневање дека ГП Бетон имал својство на субјект кој во моментот на склучување на договорите со политичката партија, вршел јавни услуги во смисла на горенаведениот закон, така што не постоела законска забрана за донирање средства од негова страна на политичката партија, ниту пак постоела обврска на обвинетиот како одговорно лице на политичката партија, тие средства да ги врати, посочува Апелација.
Ова практично значи дека и владејачката ВМРО-ДПМНЕ си ја враќа Белата палата, односно досега замрзнатиот имот.
Претходно, денеска на прес-конференција опозициската СДСМ побара Апелација итно да постапи по жалбите на Обвинителството бидејќи рокот истекот на 31 август.
Власта го смени јавниот обвинител, постави обвинителка од тефтерчето на Сашо Мијалков, позната од бомбите. Менуваше и назначуваше судии блиски до власта и до Мицкоски. Мицкоски јавно им делеше задачи на обвинители и судии од собраниската говорница, преку телевизија и преку телефон. Резултатот од таквото партизирано правосудство ослободителна пресуда за менторот на Мицкоски – Никола Груевски и спас на криминално стекнатиот имот на ВМРО, изјави Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.
Предметот „Талир“ го водеше поранешната јавна обвинителка Ленче Ристоска на која подоцна и беше одземен предметот.

